Непозната болест ги сотре дебарските пчели |
|
Напишано од Вера Тодоровска
|
Недела, 16 Јануари 2011 19:07 |
Непозната болест ги сотре пчелите во Дебарско. Од околу 2500 пчелни семејства, повеќе од пола ги нема. Тие секојдневно се помалку бројни, алармираат дебарските пчелари. Кај некои речиси целосно се угинати пчелите, кај некои 50 кај други 30 отсто.
-Во есенва пчелите беа многу добри. Зимно време кога отидовме да ги прихраниме пчелите ги снема во кошниците. Значи или пчелите се болни, веројатно е некоја нова болест, или од некаде некоја зараза. Затоа бараме од институциите да ни се помогне, да направат анализи да ги спасиме другите кои немаат штета, вели Ирфан Уштеленца од Дебар, кому речиси целосно му се угинати пчелните семејства. -Бараме од министерството за земјоделие да ни се помогне да се види што е состојбата. Дали е болест некоја или е загадување на животната средина, бидејќи се случува нешто чудно, изјави Дилавер Демоски од селото Могорче. „Најекстремен“ пример е пчеларот Реџеп Џека, кој имал 100, а сега има само пет пчелни семејства. Од 130 семејства, 30 отсто се угинати и во пчеларникот на Блаже Петревски, кој иако има четириесет годишно искуство не може да го најде изворот на болеста. -Дали е тоа ноземо церана, недоволно испитана болест во нашиот регион или можеби е последица на сушниот летен период и недоволната стимулативна прихрана во месец јули и август. Тие две причини мислам доведоа до таков помор на пчелите кој се случува денеска, смета Блаже Петревски. Но сепак последниот збор треба да го кажат надлежните. Од нив дебарските пчелари бараат под итно да преземат активности, преку анализа и утврдување на причината, до мерки за спречување на понатамошното ширење на оваа појава. Со пчеларство во овој регион се занимаваат стотина пчелари кои годишно произведуваат по околу 30 тони квалитетен мед. Вера Тодоровска- дописник од Дебар 14.01.2011, 09:38 |
Последна промена на Четврток, 02 Февруари 2012 22:28 |