“Хај“ Пчели Печати
Напишано од Виктор Тодоровски   
Среда, 24 Декември 2008 15:38

Освен тоа што се друштвени, приврзани за својот дом и функционираат според строги класни системи, пчелите делат уште една иста карактеристика со луѓето - кога се под влијание на кокаин, танцуваат поенергично, дрдорат без контрола и на крај отупуваат.

 

Истражувачите од универзитетот во Сиднеј го набљудувале однесувањето на пчелите по нивната потрага по храна. Кога некоја од нив ќе откриела богат извор на полен или нектар, се враќала во ројот и другите пчели ги известувала за тоа изведувајќи пред нив симболичен танц.

Но, кога научниците им ги попрскале грбовите со мала доза кокаин пред летот, забележале дека по враќањето од “лов” пчелите танцувале многу поенергично. Јазикот на танцот им открил на истражувачите што точно се случува во мозокот на пчелите. Слично како и кај луѓето, кокаинот направил од пчелите ентузијастични соговорници.

Во следната фаза од студијата, тимот на Ендру Барон проверил дали и кај пчелите се појавуваат истите симптоми по исчезнувањето на ефектот на кокаинот. За да го дознаат тоа морале ги дрогираат инсектите цела недела.

”Кутрите пчели, беа принудени да консумираат кокаин седум дена. Но, кога престанавме со дозите, нивните перформанси драстично опаднаа”, објаснува Барон.

Сепак зависноста од овој вид дрога кај луѓето е многу посложена, но Барон се надева дека ова откритие ќе помогне подетално да се испитаат одредени аспекти од овој феномен.

Последна промена на Четврток, 28 Јули 2016 18:42