Органско Пчеларење Печати
Ниво на корисникот: / 3
НајлошоНајдобро 
Екологија - Еколошки проекти и акции
Вторник, 23 Декември 2008 15:39

Саќе на рамка со пчели Органското производство е систем кој одговара на природните законитости на животот на пчелата како организам во склоп на сефкупниот биодиверзитет. Целта на ова производство не е максимално производство, туку заштита на земјата, водата, воздухот, здравјето на човекот и животната средина.

Органското производство бара и нуди создавање рамнотежа помеѓу сите овие фактори. Во органското производство се постигнува затварање на кругот а движење на материјата без дополнителни влијанија несвојствени за природата.

Органското пчеларење почитува строги меѓународни правила пропишани со документ (ЕУ Регулатива 20091/92, како и 834/2007). Во Република Македонија е усвоен Закон за органско земјоделство.

Во овој материјал накратко ќе ги образложиме основните правила кои треба да ги исполни еден фармер – пчелар за да може неговото производство да биде инспектирано, по што истиот би добил сертификат за органско производство, а неговите производи статус на органски производи.
Како најважен услов за органско пчеларење е правилното третирањеа пчеларниците, како и нивната местоположба. Истата најпрво треба да одговара за пчеларење во поглед на позиционирањето на сандаците во поглед на експозиција, наклонетост на теренот, ветрови, вода и пчелна паша со доволни количини полен и нектар за исхрана и продукција на младите пчели. Локацијата треба да се наоѓа на места кои не се подложни на било какви хемиски загадувања (индустриски објекти кои емитуваат гасови, депонии за ѓубре, полиња на кои се практикува интензивно земјоделско производство, ГМО) или друг вид загадувања кои можат да предизвикаат контаминација на медот или на другите пчелни производи. На радиус од три километри медоносната вегетација треба да е еколошка или диворастечка. Се допушта да има и полиња на кои се одгледуваат култури кои не одговараат на оваа регулатива. Но тие не смеат да го спречуваат еколошкиот квалитет на производите од пчеларникот.

Во близина на органскиот пчеларник не се дозволува лоцирање на конвенционален, од причина на евентуално мешање на конвенционалниот со органскиот мед. Селидбено пчеларење е дозволено, но само ако се запазени условите погоре. Органското производство преферира одгледување на локално прилагодени раси на пчели. Треба да се води сметка за нивната виталност и отпорност на болести. За наша среќа во Македонија опстанува автохтоната мариовска раса (Apis mellifica macedonica) која по своите карактеристики е една од најдобрите раси пчели на светот, која во функција на облагородување на други раси е доста извезувана во други земји. Од тука, мешање на оваа раса со други раси не е препорачливо.

Исхраната на пчелите се базира на природно собраниот нектар и поленов прав. Пролетната и есенската стимулативна прихрана се изведува со разни техники користејќи органски мед (види: „Храна и прихрана на пчелите“). Во исклучително лоши години се дозволува употреба на органски шеќер. Замената на матици и селекција во пчеларникот е препорачлива, но без притоа да се користат методи на вештачко оплодување, сечење на крила, или други осакатувања. Во лекувањето на пчелите е забрането користење на хемиски супстанци на база на антибиотици, пестициди кои во себе содржат активни материи, како амитраз, флувалинат и сл. кои оставаат резидуи во медот, се канцерогени материи, или штетни по здравјето на човекот. Во Македонија на пазарот имаме средства за борба против болестите кои содржат природни материи (оксална, мравја киселина, тимол, масло од еукалиптус и други природни материи) кои обезбедуваат евтина и квалитетна заштита, без притоа да биде нарушено правилото за нештетност по здравјето на човекот и животната средина.

Восокот од кој е изградено саќето во конвенционалните пчеларници најчесто содржи парафин (што се користи при обликувањето на восочните основи) кој е дериват на нафтата и не е дозволен за употреба. При конверзијата на една конвенционален пчеларник во органски, во секој случај пчелниот восок што е контаминиран со остатоци од пестициди или е измешан со парафин мора да се замени. Техниката на замена е објаснета во поглавјето замена на восокот. Бојата која се користи за заштита на дрвените пчелни сандаци не треба во себе да содржи синтетички состојки. Дозволено е користењето само на природни средства, на пример ленено масло во комбинација со восок и прополисен екстракт или одделно. (види, „Замена на синтетичката боја и боење со органски бои“). Водењето евиденција на органскиот пчеларник обезбедува преглед на целокупното производство. За да се обезбеди истото, секое пчелно живеалиште треба да биде нумерирано. Исто така задолжително е водење друг дневник во кој се содржани инпутите и аутпутите (сè што е купено и продадено ) по количина, квалитет и време кога се набавени или излегле од фармата. Сите овие документи треба да се дадат на увид на барање на
контролниот орган.
Инспектирањето се изведува на барање на пчеларот и истиот треба да обезбеди увид на целокупниот процес на производство и документација. При првата инспекција производителот склучува договор со кој е должен да го прима инспекторот кој може да доаѓа во најавена и ненајавена посета во текот на годината.

Како што е кажано погоре, за органско пчеларско производство, потребно е да се одбере соодветна местоположба на која ќе се постават пчелните сандаци. Таквата местоположба пожелно е да е наклонета спрема исток на каде треба да се свртени и полеталките (вратите) на сандаците. Ова од причина што пчелите порано ќе го започнат утринското излетување на паша. Од друга страна кога сонцето грее најмногу полеталките веќе се наоѓаат во сенката на сандакот. Засенувањето е уште поголемо доколку теренот е повеќе наклонет кон исток. Поставувањето на сандаците во пчеларникот може да биде во еден или повеќе редови. Идеално е редење во цик-цак, така што пчелите да не си пречат една на друга и најлесно да се ракува со нив. За да се продолжи векот на користење на сандаците пожелно е истите да бидат подигнати на потпори (дрвени, метални, бетонски и др.). Кај нас во најголем број пчеларници се користат бетонски блокови како добро, не толку скапо, и долготрајно решение. Во органското пчеларство не е дозволено третирање со хербициди. Од оваа причина исто така не смее да се третира со хербициди и местото на поставување на пчеларникот. Ако има можност пред лоцирањето на пчеларникот да се обработи површината и да се посее тревна или тревнодетелинска смеска со низок раст, која нема да треба постојано да се коси. Таму каде што трева веќе постои треба да се врши навремено косење, за да не дојде до ситуација тревата да прерасне над полеталките со што ќе се попречи полетувањето на пчелите во барање на храна. Бројот на пчелните семејства на еден органски пчеларник треба да соодветствува со капацитетот на пчелната паша. Во секој случај бројот на пчелните семејства на секоја местоположба треба одделно да се одредува. Според условите кои владеат на повеќето медоносни паши во Македонија еден пчеларник не треба да содржи повеќе од 120 семејства. Во органското пчеларство може да се пчелари со било кој тип на сандак, тој мора во суштина да биде направен од природни материјали и да не ги контаминира пчелните производи. За подобрување на понудата на пчеларникот во смисла на селскиот туризам пожелно е во пчеларникот да се интегрираат и примитивни пчелни сандаци.

 

 
Коментари (8)
8 Четврток, 17 Декември 2020 18:48
Slave
Pozdrav i jas se interesiram za organsko pkcelarstvo⁷
7 Понеделник, 31 Мај 2010 19:19
petar popovski
koj go kontrolira organskoto pcelarenje koga ednas godisno minuvaat da gi izbrojat sanducite za subvencii
ne e problemot za administrativnite proceduri tuku koj
ke go kontrolira opganskoto pcelarenje
6 Недела, 28 Март 2010 06:41
зоран илиевски
ZDRAVO Jas isklucivo koristam podnica so mreza,poevtina i poprakticna e,koga e studeno (zime)dodavam parce lesonit pod mrezata vo samata podnica.Me interesira dali e tolku bitno sandacite so letata da bidat orientirani kon ISTOK,sega se orientirani kon JUG i JUGOISTOK pa so razdenuvanje svetlinata prodira niz zamrezenata podnica.Na mojata strana na FB ima fotografii od zamrezena podnica pa koj saka moze da gi vidi zoranilievskitache@yahoo.com.
5 Понеделник, 27 Април 2009 22:03
predrag spasov
pocetnik sum i baram informacija za cuvanje na izgradeni ramki. osven ladilnik (frizider)i sumpurisuvanje dali postoi i drug nacin normalno da bide "eko".odnapred blagodaram.
4 Среда, 18 Март 2009 11:24
Васко
Здраво Душан
А дали можите да издадете потврда дека восокот е органски (се разбира нашиот што ќе го дадеме на преработка)кај вас
3 Среда, 18 Март 2009 11:19
Васко
Минатата година 14 наши пчелари добија сертификати во конверзија.
На лице место по пчеларниците за контрола доаѓаше инспектор од
,,Балкан Биосерт,, и се беше во ред.
Сега што се случува. Истот тој инспектор на повеќето пчелари им вели дека не одговара местоположбата на пчеларниците, и дека ќе треба да ги селат на нова локација. Како ова да е така едноставно
2 Понеделник, 16 Март 2009 19:40
Jovce
Administratoru blagodaram sto go objavi moeto barane samo uste da ja razjasnime temata sto podetalno se razbira ako mozes P O Z D R A V
1 Сабота, 14 Март 2009 00:21
dusan maric
ponuda za novi metod na satni osnovi protiv VAROA i namaluvanje na VAROA od 60% do 85 % so zamena na vas vosok so nasi satni osnovi i toa so predhodno ispitan kaj nas dokolku ima primesi vosokot ne se prifaca i ne se zamenuva za nasi novi satni osnovi nie vi nudime bez primesi na parafin i protiv VAROA.
POZDRAV,
dusan maric
tel.02.2435.814 mob.070.260.363
yvComment v.1.19.3